Никола Мартиноски е роден на 18 август 1903 година, во Крушево, како едно од четирите деца на угледното и богато семејство на Коста и Анушка Мартин (се до 1930, неговото презиме е Мартин или Мартини). Тоа е периодот на Илинденското востание (2 август 1903), кое остана запаметено како херојската и нееднаква борба на Македонците против петвековното ропство наметнато од страна на Отоманската империја.

Во 1906 година семејството Мартин се преселило во Скопје. Градот бил мало турско провинциско градче во кое, сепак, постоеле знаци на економски, политички и културен живот. Никола Мартиноски го започнал своето образование во романското основно училиште во Скопје (1910), а во средното српско училиште во Скопје (од 1918 до 1920 година) почнал да покажува интерес кон цртањето. Во 1919 година, заедно со Томо Владимирски, работел во атељето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки и тука Мартиноски и Владимирски како помошници усвоиле некои знаења од иконописот и сликарството.

Иако по смртта на Коста Мартин (1919) финансиската состојба на семејството не била добра, Никола Мартиноски успеал да го продолжи своето образование во Букурешт па така од 1920 до 1927 година тој ја посетувал Школата за убавите уметности. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање, кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу (George Mirea и Kamil Resu), и скулптура, кај професор Димитрие Пачуреа (D. Paciurea). На крајот од школувањето Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство. Во Букурешт, Мартиноски го следел и тамошниот богат културен живот.

 

Хотел Константин во Латинскиот кварт во Париз е местото каде Мартиноски престојува во 1927 и 1928 година.
Мартиноски фотографиран за време на неговиот престој во Париз.
“Кафе Ротонд” во дваесетите претставува собиралиште на уметничкиот свет и младата интелектуална авангарда во Париз. Тука Мартиноски го поминува своето слободно време среќавајќи се со повеќе колеги и пријатели.

По студиите, тој за кратко останал во Скопје, каде веднаш зел учество во уметничкиот живот на градот, кој до 1927 година бил сосема неразвиен. Таа година Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба.

Престојот во Париз, од 1927 до крајот на 1928 година, е најважниот момент и пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски. Таму тој ги посетувал познатите академии Гранд Шомиер и Рансон. Негови професори биле Жорж Бисиер, М. Кислинг, Амаде де ла Пателјер (Georges Bissiere, M. Kissling, Amade de La Patteliere).

 

Мартиноски се вратил во Скопје на крајот од 1928 година. Политичката, општествената и културната состојба во Македонија, во рамките на Кралството Југославија во тоа време била многу лоша. Назадувањето на економскиот и општествениот живот во Македонија (поради големата светска економска криза и кралскиот диктаторски режим, воведен на 6 Јануари 1929 година во Југославија), имало особено негативно влијание врз културата и уметноста. Сепак, од политички причини, српските власти, кои се обидувале да го денационализираат македонскиот народ, дозволиле одделни научни и културни активности во Скопје кое во тоа време било главен град на таканаречената Вардарска бановина. Тука во триесеттите години, се одржувале групни и самостојни изложби воглавно на македонски уметници, но имало и гости од другите делови на кралството. Мартиноски имал неколку самостојни изложби во Скопје, а треба да се спомене дека освен првата (1929), сите други (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста “Јефимија”. Освен во Скопје, Мартиноски самостојно изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун, Рим) како член на белградската група “Облик”. Пред Втората светска војна, Мартиноски сликал, цртал, работел на илустрации за книги, а посебно се интересни неколкуте негови ѕидни декорации кои ги изработил во триесетите години. Една сезона (1939 - 1940) бил и хонорарен сценограф во Скопскиот театар.

 

Мартиноски фотографиран во Скопје непосредно пред почетокот на втората светска војна.

Напишал неколку натписи за уметничкиот живот во Скопје и редовно се дружел со исклучителни личности од тогашниот културен живот кои со голем интерес го следеле неговото творештво.

 

За време на Втората светска војна, под германската и бугарската фашистичка окупација (1941-1944), првите две години Мартиноски живеел во Скопје. Тогаш не создавал многу, бил невработен и ја почувствувал бугарската политика на тотално духовно и национално угнетување на Македонците. Во 1942 година, Мартиноски имал самостојна изложба во Скопје, а зел учество и во неколку групни изложби. По 1943 година, тој се повлекол во своето родно Крушево. Веднаш по ослободувањето на градот (Септември 1944), се вклучил во различни културни и пропагандни активности за потребите на Генералштабот на НОВ и бил испратен во Прилеп.

По ослободувањето на Скопје (13 Ноември 1944), Мартиноски се вратил и го основал денешното Училиште за применета уметност и бил негов прв директор се до 1949 година, кога станал директор на новооснованата Уметничка галерија – Скопје (денес Национална галерија на Македонија). Во 1945 година Мартиноски се оженил и имал 2 сина. Два пати бил избран за народен пратеник во федералното собрание на Југославија, а неколку пати бил претседател на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). Неговите дела биле изложени и на првите повоени изложби во Југославија и странство.

Мартиноски пред влезот на Уметничката галерија во Скопје (денес Национална галерија на Македонија). Тој е главен иницијатор за формирање на галеријата, а неколку месеци по нејзиното основање го превзема управувањето со неа како нејзин директор. На таа функција ќе остане до крајот на својот живот.

 

Во педесеттите години тој имал повеќе самостојни изложби на цртежи и слики во земјата и странство. Мартиноски често патувал и бил во допир со најновите тенденции во светската современа уметност. Во шеесеттите имал неколку самостојни изложби во Скопје и Белград, а учествувал и на неколку групни изложби во Југославија и странство, вклучувајќи ја и големата изложба на југословенска уметност ”Од праисторијата до модерната” во Париз, во 1971 година.

Се до неговата смрт Мартиноски беше директор на Уметничката галерија-Скопје, а во 1967 година стана и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Доби Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, беше основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подари на својот роден град. Мартиноски беше близок со најистакнатите личности од научната, политичката и уметничката сфера. Имаше многу почитувачи и колекционери во Македонија, поранешна Југославија и во странство. Беше креативно активен, се до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.

Мартиноски и Јосип Броз – Тито во прошетка низ салите на Уметничката галерија во Скопје.
дома        живот       дело       галерија        изложби        награди       линкови