1. ПОЧЕТОЦИ

Скопје (до 1920)

Никола Мартиноски покажал интерес за цртањето уште за време на неговите први училишни години во Скопје. Научил многу во работилницата на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки (1859-1954), а до 1920 година Мартиноски ги создал своите почетнички дела, главно со мотиви позајмени од разгледници во боја.

Букурешт (1920 - 1927)

Во Школата за ликовни уметности во Букурешт, Мартиноски се здобил со целосно професионално образование. Се запознал со романската уметност од тоа време која меѓу другото била и под влијание на извесни склоности кон експресионизмот. Во овие школски години Мартиноски создал неколку дела кои се важни за неговиот развој како уметник. Започнал со разубавени портрети, а завршил со ликови направени со усогласени ликовни експресии (“Портрет на романски Циганин”, “Глава на дете” 1926). За сликата “Женски акт”, работена под влијание на Камил Ресу (К. Resu), Мартиноски ја добил првата награда за сликарство на самиот крај на неговите студии. Ова дело се карактеризира со сигурен и цврст цртеж и продлабочени, благо степенувани темноокерни бои (1927).

Париз (1927 - 1928)

Престојот на Мартиноски во Париз е од особено значење за развојот на неговото творештво. Во тоа време таму биле оформени низа на модерни уметнички правци. Како посебно влијателна се издвојува група на уметници со еврејско потекло кои во Париз емигрирале по првата светска војна, а ние денес ги препознаваме под поимот Париска школа. Во така комплексна креативна средина, Мартиноски покажал особен интерес за сликањето на Модилјани (Modigliani), Сутин (Soutine), Кислинг (M. Kissling) и Паскен (Pascin). Се запознал и со францускиот, германскиот и фламанскиот експресионизам, со уметноста на А. Дерен (A. Derain) и Пабло Пикасо (Pablo Picasso). Нивното влијание е очигледно во неговиот “париски период” и неколку години потоа, што е од несомнена важност за развојот на сето современо македонско сликарство. Со два пејзажи кои денес не се познати, Мартиноски зел учество на изложбата на југословенските уметници во Париз во 1928 година. Тука тој користејки ги новоздобиените сознанија и под влијание на париските примери создал и други слики: “Глава на жена”, “Женски акт со шапка”, “Дама со мачка” и “Шахисти” (му припаѓа на посткубистичкиот експресионизам, машките фигури се масивни, со квадратни, обли и експресивни форми на телата и главите) и др.


2. ПРВИОТ СКОПСКИ ПЕРИОД

Од 1929 до 1944 година Мартиноски доживеал мошне сложен и хетероген творечки развој. Патот од специфичните форми на екпресионистичко изразување, испреплетените искуства стекнати во Париз, па се до изградбата на творештво чии реалистички стилски белези се означени со многу елементи на социјалната уметност бил доста сложен и поминал низ неколку карактеристични фази, кои мошне логично и континуирано се вградуваат една во друга.

Експресионистичка фаза (1929-1932)

Овој период е важна етапа за целата идна уметничка кариера на Мартиноски. Неговата улога на македонската сцена е заснована на уметниковото стремење кон современите текови и обидот да ги надмине ограничувањата наметнати од времето и средината во која живеел. Првата самостојна изложба на Мартиноски била одржана во Февруари 1929 година. Меѓу другите, тој ги изложил сликите во масло: “Мртва природа”, “Седната Циганка”, “На пазар”, “Берачки на јаболка 1” и “Берачки на јаболка 2”. Во нив уметникот ги прифатил импресионизмот, кубизмот и експресионизмот, се стремел кон геометриско упростување и декоративност, со прилично студено нивелирани бои. “Портретот на младиот филозоф” претставува почеток на нов вид изразување на Мартиноски, обликот на главата е овален, деталите на лицето се манирично подвлечени, формата на телото е вретенесто обликувана и обла. Сите овие карактеристики се блиски до стилот на Модилјани, но присутна е и блискост со естетиката на македонските средновековни икони. Во творештвото на Мартиноски се појавиле и слики со симболични и метафорични мотиви во кои тој станал поблизок до некои од уметниците на Париската школа (Дела Пателјер, Сутин, Кислинг, Руо, Модилјани) и уште поусогласен со германскиот експресионизам, со симпатијата за лошата општествената и етичката состојба на луѓето. Овие дела на Мартиноски беа специфични и во рамките на југословенската уметност. Нивна единствена врска може да се пронајде во творештвото на некои членови на прогресивната хрватска група “Земја” (основана 1929), особено на сликарот Игњат Јоб. Многу од делата на Мартиноски од почетокот на триесеттите години претставуваат сцени од кафеанскиот живот или пак се поврзани со проституцијата. Користејќи го искуството на други уметници (Т. Лотрек, Грос, Дикс, Сутин), Мартиноски ги деформира, дури и ги карикира фигурите за да ја нагласи бруталноста на мотивите на кои работи. Сликите “Доилка” и “Композиција - Мајка со дете” (1929/30), се дадени со слободни контури на фигурите и пејзажите, со еден вид експресионистичка тензија. Сликата “Кафеана 1” (1930) е смело “измешана” и преполнета композиција. Формите на женските и машките фигури се дадени со нервозни, раздробени потези, со забележлива кубистичка и експресионистичка инспирација. Во 1930 година, Мартиноски ги создаде сликите во масло “Девојче со плетенки” и “Портретот на Олга”. Цврстите форми, силните контури и празните светли подлоги, одделно ја нагласуваат кубистичката структура на сликите. Тогаш настана и гипсената “Фигура на жена”, единствената зачувана (сега мошне оштетена) скулптура на Мартиноски, со здржаната изразност и патос на позата, блиска е со сликите од истиот период. Во 1930 година, Мартиноски насликал и две платна со религиозни мотиви: “Распнатиот вечен син” (уништена) и “Под распетие”. Во второто, видливите рабови на фигурите градат обли форми со испрекинати движења, драматично и грубо предадени. Ликовите се вулгарно упростени, а боите се рафинирани и јасно распределени. Во 1931 година, Мартиноски имал две самостојни изложби и зел учество во неколку групни изложби во Скопје и Белград. Неговите дела (портрети, фигури, композиции, пејзажи, мртви природи) се смела потрага по уметничка индивидуалност, втемелена на париската инспирација и експресионизмот. Таа година ги насликал “Пејзаж од Скопје” и “Пејзаж од Соко Бања” (во манир близок на Сутин), со извиени, грчевито поставени потези и смело деформирани облици. Го насликал и својот “Автопортрет”, впечатлива синтеза на посткубизмот и рафинманот на Модилјани. Во симболичната композиција “Семејство”, три фигури (маж, жена и дете) се предадени на гола заднина во кубистички и експресионистички манир, со нагласена маса на облиците и поедноставени детали на лицата. Од друга страна сликите “Госпоѓица Арети”, (1931), “Порок” (1931/32), “На дното” (1931/32), “Во кафеана 2” (1932), се голи или облечени машки и женски фигури, во кафеана или некоја друга средина кај кои телата се цилиндрично заоблени или “скршени”, со кубистички деформирани облици кои наликуваат на кукли или марионети, потсетуваат на делата на Пикасо, Грос, Дикс, Кислинг, но ја сугерираат и врската на Мартиноски со македонската уметничка традиција. Во пејзажот “Еврејско маало во Скопје” (1932) збиената композиција е претставена во кубистички третман со геометриско поедноставување на деталите. На крајот на овој период, Мартиноски создал многу цртежи кои во мотивите (особено оние социјалните) и третманот, впечатливо го следат развојот на неговото сликарство.

Од експресионизам до реализам (1933-1935)

До 1933 година, творештвото и изложбите на Мартиноски го најавиле крајот на периодот на влијанијата на францускиот и германскиот експресионизам. Во 1933 година, во скопска приватна куќа, Мартиноски ги направил своите први фрески (две). Едната од нив е комплетно уништена, a другата (“Шумадиска идила”), со своите пасторални мотиви и со третманот ја покажува авторовата тенденција кон благо заоблени форми, грациозни движења и деликатна стилизација на сите детали. Ваквите тенденции се забележливи во многу женски фигури од тоа време. “Циганска свадба” (1933) е динамична композиција со повеќе седнати фигури и разработени етнографски, социјални и психолошки детали. Тука третманот е речиси реалистичен, а во некои портрети (на Раде Драинац и Милета Томовиќ) обработката е експресивна и претставува издолжени, речиси аскетски ликови. Во 1934 година, Мартиноски излагал, со групата “Облик” во Софија и Прага. Критиката укажала на експресивната уметност на Мартиноски, на неговиот модернизам, споен со инспирациите од македонската уметничката традиција. Тие експресионистички карактеристики се забележливи и во неговите илустрации за книгата на Растко Пуриќ “Наличја”. Тука социјалните мотиви се изработени со карикатурална деформација на облиците, забележлива и во “Портретот на Растко Пуриќ”. Во сликата “Мајка со дете” (1934), драматичната и патетичната изразеност е особено нагласена, слична со е уметноста на Сутин, а повторно е забележлива и силната врска со македонските икони. Во другите женски ликови, формите се обли, рафинирано изработени, под забележливо влијание на Кислинг. Овие настојувања се согледани и во 1935 година, на самостојната изложба на Мартиноски во Скопје, неговиот експресионизам сега е стивнат, интересот за социјалните мотиви останал, но типични се лирските и поетични експресии (во сликите “Мајка со дете”, “Мадона од Топаана”, “Без љубовник”, “Дервиш Бекташ” и во многу цртежи). Два пејзажа од 1935 година без сомнение се меѓу најдобрите предвоени слики во Македонија (предели од хрватското село Запрешиќ). Таа година настанаа и тринаесетте смело замислени, сега уништени, мурали во кафеаната “Океан”. Овие симболични и еротски сцени биле полни со рафинирана сензуалност, елегантно стилизирани и извиткани форми, блиски (но повозбудливи) до некои од делата на Матис и на одделни германски експресионисти.

3. ВТОРИОТ СКОПСКИ ПЕРИОД

До 1936 година, уметничката личност на Мартиноски дефинитивно созреала. Тој и понатаму ќе ги бара своите главни мотиви и модели во циганските маала во Скопје, откривајќи ја општествената реалност на предвоена Македонија.

Лирски реализам (1936-1937)

Годините до почетокот на Втората светска војна беа обележани со интензивна активност на Мартиноски. Во 1936 и 1937 година, тој излагал цртежи во Загреб заедно со хрватскиот уметник Томислав Кризман. Неговите лирски и реалистични дела на социјални мотиви критиката ги прогласи за “прогресивна уметност” (блиски на белградската група “Живот”, односно на социјалната уметност). На скопската изложба на Мартиноски (1936), видлив бил и неговиот интерес за општествената средина која го опкружувала, предадена со “екстремни, импресивни ликовни средства” (според Пуриќ, Месеснел, Добричанин). Во оваа фаза на лирски реализам, Мартиноски предал слики на сиромашно облечени момчиња и девојчиња со милозливи, носталгични лица и убаво обликувани тела и глави (“Љубовта на Мустафа”, “Циганската Ширли Темпл”, “Мустафа”, “Другарот Рамадан”). Најспецифични цртежи на Мартиноски се илустрациите во книгата “Работнички југ” на Р. Пуриќ каде покрај мотивите на “Мајка со дете”, портретирани се резигнирани машки и женски фигури, со чисти линии и без несуштински детали. Во 1936 година, во приватна куќа во Скопје, Мартиноски ја создал и фреската “Пасторала” (или “Селска идила”) со декоративен третман на композицијата, во неговиот претходно разработен стил, близок на Модилјани. Наредната 1937 година, Мартиноски излагал со “Облик” во Рим и Солун. Тогаш настанала “Невеста”, инспирирана од Кислинг и од низа медитерански поттици, изработена со милозливо, деликатно обликувано лице, издолжено и благо опуштено тело. Боите се предадени лесно и транспарентно. Во таа година настанала и фреската “Пасторала” или “Оро”, романтична и симболична танцова сцена, со полуголи девојки кои играат во “гол пејзаж”.

Социјален реализам (1938-1941)

До 1941 година, во делата на Мартиноски се развил еден вид социјален релизам, како израз на симпатијата кон сиромашните и како вистински одраз на животот. На неговата самостојна изложба во 1938 година, уметноста на Мартиноски била класифицирана како реалистична и тој бил наречен “голем македонски сликар” (Н. Аџем). Од таа година датираат неколку типични дела: “Питач”, во партали и со превез над десното око, “Малиот ерменски емигрант” и “Албанец”, кои претставуваат млади момчиња, со “слатки лица” и деликатен третман, сличен на оној во “Невеста” од 1937 година. Со својата самостојна изложба во 1939 година, Мартиноски продолжил да ја следи оваа тенденција кон социјалниот реализам. Претставувајќи мајки со деца, момчиња и девојчиња, тој често пренагласувал некои детали за да искаже страдање и човечка резигнација. Така во сликата “Дедо и внука” (1940) личностите се портретирани со укажување на горчината на тешкиот и нерадосен живот, а во неколку “мајки со деца” и “доилки”, социјалните и психолошки моменти понекогаш се натуралистички нагласени. Поимпресивни резултати уметникот постигнал во претстави на полуголи девојки и многубројни портрети на деца или момчиња. Мартиноски тогаш насликал и неколку мртви природи кои се меѓу најдобрите негови дела од овој вид. Цртежите и понатаму го следеле реалистичкиот правец, движењата се впечатливо предадени со фина, тенка линија и типична физичко-емоционална обработка на физиономиите.

4. ВОЕНИОТ ПЕРИОД (1941-1944)

За време на војната творештвото на Мартиноски стилски ја следело претходната експресивно - реалистичка орјентација. Така, во платното “Коледари” (1941), сиромашно облечени девојчиња се дадени во зимски пејзаж, во духот на предвоената социјална уметност со типични деформации и неизразни бои. Во овие години, прво во Скопје, а потоа и во Крушево, Мартиноски портретирал неколку момчиња и девојчиња, роднини и пријатели, каде рутински го следел својот предвоен период. Тоа е видливо и во неколку пејзажи и цртежи од тоа време. По ослободувањето на Крушево (септември 1944), Мартиноски, покрај новите обврски во политичката агитација и пропаганда, изработил неколку дела тематски врзани за НОВ, реалистичниот “Партизан”, серија цртежи со мотиви од партизанскиот живот и борбата, каде со убави, цврсти линии ги предава типичните личности и ситуации, како и монументалните и горди ликови (1944).

5. СОЦИЈАЛИСТИЧКИ РЕАЛИЗАМ

Повоеното творештво на Мартиноски се развивало во неколку фази, паралелно со динамичните историски промени во Македонија во тоа време, но и во битна врска со личниот живот на уметникот. Првата фаза е под влијание на социјалистичкиот реализам и трае до 1950 година. Тогаш Мартиноски воглавно го следел своето претходно творештво, со промени предизвикани од новите творечки состојби во повоениот период. Така во 1945 година, критиката ја нагласила мајсторската вештина на Мартиноски, но барала од него да ја усогласи својата уметност со принципите на социјалистичкиот реализам, јасна тематска определеност (мотиви од НОВ, од обновата и изградбата на земјата), реалистичен пристап кој не дозволува голема слобода на изразот. На почетокот на овој период, Мартиноски продолжил да ги слика познатите мотиви како “Мајка со дете”, “Ученикот Диме”, “Бремена жена” итн. Во 1946 година се појавиле слики со идилични и пасторални мотиви, сцени со жетви, ора и слишно предадени со сентиментални и нежни стави. Многу портрети од тоа време (на момчиња и девојчиња) се третирани со нервозни потези, без разработка и рафинман. Цртежите на Мартиноски од овој период ја имаат и понатаму истата вредност како и претходните цртачки дела. Во 1947 година тој го насликал “Ударник” на реалистичен начин, со масивен и остар цртеж и наметливо спротивставени бои, а во некои тогашни темпери и цртежи, Мартиноски претставил мотиви од доброволни работнички акции и од НОВ, рутинерски, без креативна длабочина. Тука се и маслата “Илинден”, “Портрет на Гоце Делчев”, потоа неколку слики со тековни политички мотиви, серијата темпери со мотиви на партизански колони, пренесување на ранети итн. Делата на Мартиноски од 1950 година (особено неколку портрети) покажуваат дека тој постепено ја менувал својата ориентација, но се уште останал во рамката на реализмот. Така, во “Автопортрет” (1949/50), со студени бои, но користени слободно и грижливо, тој убедливо ги претставил физиономските и психолошките карактеристики на сопствената личност. Цртежите на Мартиноски од овој период претставуваат индивидуални фигури или групни композиции, третирани со сигурна и вешта реалистичка постапка

6. ОБИДИ ЗА ОБНОВА

Во периодот од 1950 до 1951 година, Мартиноски се обидел да ја обнови продукцијата на својата уметност, која во фазата на социјалистичкиот реализам значително опаднала. Во педесеттите години во Југославија се создаваат можности и предуслови за постепено освојување на творечката слобода во уметноста. Тогаш Мартиноски имал неколку самостојни и една ретроспективна изложба, а учествувал и во повеќе групни изложби во Југославија и странство. Неговиот интерес за новите насоки во современата светска уметност и за процесот на модернизација на македонската уметност влијаел врз неговото творештво и неговата личност, со што на некој начин го довел до преобразба на сопствениот изразен систем.

Личности и сцени од секојдневниот живот (1951-1961)

Една од темите кои Мартиноски често ги обработувал во овој период се сцени од секојдневниот живот, дадени со повеќе фолклорни карактеристики. Машките и женските фигури ги претставил во народни носии, неизнасилено, но без особени амбиции. Се изделува големото масло “Тешкото” (1952/54), со типични играорни чекори, вешто и рутинирано предадени. Потоа следуваат и низа слики со “мотиви од Крушево” каде пореалистичниот третман е забележлив во првите дела, а експресионистичкиот во подоцнежните. Во некои од овие дела посебно интересни се приказите на личности и обичаи од крушевската средина како “визити”, “свадби”, “слави” и сл. Овие сцени со многу фигури во народни или модерни облеки, се сместени во крушевските куќи, со сите нивни специфични детали. Уметникот се чувствувал приврзан кон овие луѓе и кон нивната средина, но сепак ги прикажува со блага иронија и ликовна слобода, понекогаш доближена до карикатуралност.

Мартиноски покрај своето дело “Тешкото” (околу 1955)

Симболичен експресионизам (1952-1960)

Во педесеттите години Мартиноски создал многу цртежи и слики во стилот на “симболичниот експресионизам”. Посебно се истакнуваат цртежите настанати помеѓу 1952 и 1954 година. Мартиноски тука ги искажал своите ставови за некои филозофски, морални и социјални проблеми на тоа време, за неговите симпатии кон луѓето, неговите еротски визии, а преку модерен уметнички израз го споил своето предвоено експресионистичко искуство со поттици од Грос, Паскен, Шагал и германските експресионисти. Некои од цртежите на Мартиноски се во блиска врска византиската естетика, а други со симболизмот и надреализмот, (“Кошмар”, “Страст”, “Човекот и злото”, “Венец на злото” итн.). Еротското, како лирска авантура и драма на страста, е присутно во многу цртежи на Мартиноски, а тука е и митолошкиот феномен (сроден на некои дела на Пикасо со такви мотиви), но за да предаде некои современи проблеми преку фантазијата и симболизмот Мартиноски никогаш не користи директни и вулгарни асоцијации (“Победа”, 1952, “Проблемот на цивилизацијата”, 1953, „Воени игри”, 1953 и сл.). Овие цртежи (изложени во Белград, Загреб, Љубљана и Париз во 1953 и 1954), со својата смела иновација поставена на темелите на модерната естетика, беа придонес за целата југословенска уметност од тоа време. Мартиноски постепено ја менувал својата внатрешна тензија. Така, во цртежите од 1956, 1957, 1958 и 1959 година, внел аглести конструкции и деформации, кубистичка изразност и фантазија во композицијата, невообичаените, драматични и смели позиции на фигурите во просторот или грациозните, рафинирани и извиткани облици, се особено забележливи од 1959 до неговата смрт во 1973 година. Некои од маслата (1954-1955), изложени и во САД, му припаѓаат, исто така, на периодот на “симболичниот експресионизам” на Мартиноски, полни со сензуална и идилична атмосфера, слобода или фантазија во изразот (“Идила”, “Музичка екстаза”, “Мајка” итн.), тие ги поврзуваат експресионистичките модели (на Грос, Нолде, Мунк), со симболистички и надреални моменти (Шагал). По 1960 година, овие тенденции се следат и во други дела на Мартиноски, особено во некои од неговите масла на стакло.

Портрети и фигури (1951-1960)

Во многу композиции од овој период со портрети и фигури, се чувствува ограничен стилски развој, нивелиран меѓу нагласен реализам до послободен третман, како во многу негови “мајки со деца” и “доилки”. Впечатливи резултати Мартиноски постигнал во некои од неговите автопортрети како “Автопортрет со четки” (1957) и “Автопортрет” (1960). Цртачката изразна смелост и плитко поставените бои нагласиле некои задржани карикатурални детали. Тогаш Мартиноски создал и неколку дела со мотиви од циганскиот живот. Непривлечниот третман на ликови од сите возрасти, се поврзува со некои негови дела од предвоениот период. Поамбициозно е предадена монументалната фигура на момче во температа “Рамадан” (1952-1953). Мартиноски создал и неколку индивидуални и групни слики на млади девојки, што се слични со неговите “мотиви од Крушево”. Покрај цртежите стилски поврзани со “симболичниот експресионизам”, тој создал и цртежи со јасна реалистична поставеност. Мартиноски направил и многу илустрации за различни публикации кои се поврзани со неговото целокупно цртачко творештво. Како и во претходните декади, уметникот создал извесен број на графики (линорези во боја).

7. БАРАЊЕ НА КОНТИНУИТЕТ (1960-1973)

Понатамошниот развој на творештвото на Мартиноски се карактеризира со барање на континуитет и синтеза на сите видови на дотогашниот уметников израз (теми, иконографски и композициони карактеристики). Не постои еднообразен третман на различните теми, а слободно импровизираните мотиви се многу блиску до експресионистичкиот израз.

Видовите на еротика во творештвото на Мартиноски (1961-1973)

Еротиката во творештвото на Мартиноски е поврзана со неговиот експресионистички стил. Елементите на “еротска реалност” и “еротска фантазија” многу рано се појавиле во неговите цртежи и графики од претходната декада. Еротската фантазија е особено присутна во многу слики и цртежи создадени по 1961 година. Тоа се симболични поетски мотиви, со фантастично предадени фигурални композиции. Така, контурите на облиците се издолжени во “вретенесто” обликувани и “инсектовидни” претстави. Елегантната, брановидна дисторзија се спојува со карикатуралната пренасиленост и деформација. Во некои дела (1961-1964) надвладува еден вид поетизиран, идиличен свет, додека останатите се полни со силна емотивност и еротизам (“Месечина”, 1961, “Идила”, 1964, “Пролетен занес”, 1965). Бројни цртежи (1961-1973) ја изразуваат уметничката визија и рафинираноста на Мартиноски. Обработени се со убави, длабоки линии кои се доближени, меѓусебно поврзани или прекршени. Во некои од делата на Мартиноски еротската фантазија е предадена низ “митолошки” претстави. Трансформирани се во турбулентни сцени со елементи на садизам и насилство. Фигурите се комплетно деформирани, со сатиричен третман, каде што се спојуваат агресивноста и хуморот (“Сатири и жени”, 1967, “Господа и нимфи”, 1966). Експресивниот предизвикувачки третман, во сцените и деталите, и натуралистичкиот акцент, се нагласени и во други дела (“Пролетен занес”, 1965, “Идила”, 1968). Во серијата дела со мотиви од кафеанскиот живот се истакнува маслото на стакло “Гитари” (1965/66), кое е поврзано со германскиот експресионизам, како и со некои од делата на Де Кунинг (De Kooning). Карактеристична е смелата изведба на турбулентни движења, гротескни ликови, изразно дисторзирани фигури со нагласени екстремитети и слободно наслоени бои. Во неколку “свадби” (масла на платно или стакло, темпери и цртежи) еротската опсесија на Мартиноски е присутна во целата сцена како и во индивидуалните фигури на “невестите”, тие се често предадени со голи гради и предизвикувачко однесување (1966-1972). Сликата “Раѓање” (масло на стакло, 1965) без сомнение се поврзува со неговите еротски дела, морбидна мешаница на човечки и инсектовидни претстави со грчевити деформации, нагласени движења и детали. Во “Автопортрет” (1971), симболичниот начин (фигури на голи женски музичари) ја претставува уметниковата носталгија по изминатата младост.

Скопскиот земјотрес како инспирација (1963-1967)

Мартиноски во серија цртежи ја прикажал скопската трагедија од 1963 година. Тоа се поетизирани, патетични или драматични претстави, изведени со креди во боја, молив или фломастер. Во елегантни и маниристичко истанчени линии, континуирани, меѓусебно поврзани или прекршени, Мартиноски предал фигурални композиции, сместени или расфрлани во бескраен простор. Такви се (стилски) и двете масла на темата “земјотрес”, кои се негови порутински остварувања.

Сцени од секојдневниот живот (1963-1973)

Во различни сцени, Мартиноски повторно претставил и “свадби”, “свадбарски групи”, со невестата и младоженецот во преден план, со музичари, сведоци итн., предадени во “традиционална” македонска средина. Сепак по 1964 година се менува стилската обработка. Групите се анимирани, природни и позбиени една до друга, претставите се издолжени, флексибилни и често гротескни. Во “Свадба” (масло на стакло, 1969), Мартиноски создал суптилна и колоритна атмосфера, слична на делата на Шагал и Мане Кац. Сродни на овие “свадби”, но во поинакви амбиенти, се и “Картаџија”, “Шахисти”, “Концерт”, “Музичари” итн., сите создадени по 1965 година


Портрети и фигури (1961-1973)

Мартиноски во своето атеље во Скопје (околу 1970)

Делата на Мартиноски од неговата последна фаза, со мотивите и стилот се блиски со неговото претходно творештво. На почетокот на шеесеттите години “мајките” и “доилките” се реалистички обработени. По 1965 година, Мартиноски трага по импресивни пози на фигурите и поубедлив ликовен третман (“Доилка”, 1967). Потоа создал бројни дела на овој мотив каде без особени иновации го следи академскиот стил и ја нагласува звучноста на боите. Мартиноски во овој период изработил многу портрети и слободни композиции во кои често го следи експресионизмот (во линеарниот третман и анимираните искривени ритми). Посебно се истакнува “Автопортрет” (масло, 1969), кој е синтеза на фовистички и експресионистички третмани со слободно развиени форми, интензивни бои и импресивна психолошка изразност на ликот. Во многу мртви природи од овие години, Мартиноски речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан (Cezanne). Во поуспешните нагласена е масата на предметите, смелоста на редукцијата и богатството на боите.



Историскиот придонес на Мартиноски е од непроценливо значење за македонската култура на XX век. Низ сите свои развојни фази тој се потврди како врвен ликовен творец кој тежнееше кон обединување на светските модерни уметнички тенденции со богатото културно наследство на својата средина. Достигнувањата на Мартиноски се вградени во основите и на македонската и југословенската модерна уметност, а без сомнение тие се придонес и кон европската “обнова на експресионизмот” во осумдесетите и деведесетите години на XX век. Со своите најдобри остварувања Мартиноски ја вгради модерната македонска уметност во најважните светски стремежи на своето време.


дома        живот       дело       галерија        изложби        награди       линкови